Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека протекувањето доверливи информации од Пентагон „не е од корист“ за угледот на САД, но дека сепак ја цени поддршката на Вашингтон за Киев.
Зеленски изјави за „Вашингтон пост“ дека Белата куќа не го контактирала за протекувањето на строго доверливи документи на американските разузнавачки служби минатиот месец.
На прашањето дали довербата меѓу САД и Украина е нарушена поради протекувањето информации од Пентагон, кои покажуваат дека Вашингтон наводно шпионирал високи украински функционери, вклучително и него, Зеленски истакна дека тоа не е вредно за нарушување на поддршката на САД за Киев, објави вчера „Гардијан“.
Зеленски нагласи дека протекувањето на доверливи информации ѝ нанело штета на Украина бидејќи Русија однапред добила одредени известувања.
Американски воен гардист е обвинет за дистрибуција на доверливи документи кои првпат се појавија на Дискорд, платформа за социјалните медиуми, минатиот месец.
Одредени доверливи досиеја од февруари сугерираат дека украинската воздушна одбрана ризикува да остане без ракети и муниција од советската ера за неколку недели.
Украинскиот министер за одбрана, Алексеј Резников, на 12 април изјави дека протекувањето на информации од Пентагон содржи мешавина од вистинити и лажни информации за украинската војска и дека тоа го намалило негативното влијание.
Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, изјави за Си-Ен-Ен дека американскиот министер за одбрана Лојд Остин разговарал со голем број сојузници, вклучително и Резников, во врска со прашањето за протекување на доверливи документи.