Терористите како рускиот претседател Владимир Путин и палестинскиот Хамас се обидуваат да ги држат во заложништво слободните и демократски народи и затоа мора да бидат поразени, изјавил денеска во Брисел претседателот на Украина Володимир Зеленски на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.
„Терористите како Путин или Хамас се обидуваат да ги држат како заложници слободните и демократски нации. И тие сакаат моќ над оние кои бараат слобода. Терористите нема да се променат. Мора да изгубат, а тоа значи дека треба да победиме. И ќе победиме“, рекол претседателот на Украина.
Зеленски укажал на руските терористички напади, кои беа изведени минатата зима врз енергетската инфраструктура на Украина.
Според него, „очигледно е дека Русија ќе се обиде да ја повтори оваа тактика оваа зима, но со извлекување одредени заклучоци и зголемување на терористичките напори“.
„За време на нападот врз Израел, терористите ја нападнаа една од најголемите електрани во регионот. И до минатата зима, кога Русија прибегна кон оваа тактика, другите терористи не го правеа тоа во такви напади“, вели претседателот на Украина.
Тој посочил дека за да се победи тероризмот е потребно трпение и постојана поддршка.
Чекорите за зајакнување на воздушната одбрана се од витално значење за Украина, што, како што наведе, ќе придонесе за „победа во борбата против тероризмот“.
Зеленски додал дека воздушната одбрана е „голем дел од одговорот на прашањето кога ќе заврши оваа војна и дали ќе заврши праведно за Украина“.
„И сега на сите ни треба такво засилување, чекор напред во нашата одбрана, противвоздушна одбрана. За Украина ова ќе биде животна победа и е од витално значење. За Русија тоа ќе биде неуспех на нејзината клучна стратегија, стратегијата на теророт“, нагласил украинскиот лидер.
Зеленски денеска учествува на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина во Рамштајн формат.
Тој се сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и со американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин.