Зеленски: Путин не е подготвен да употреби нуклеарно оружје, се плаши за својот живот

од Stefanija Kuzmanovska
367 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека напредокот на бојното поле е „побавен од посакуваниот“, повеќе од две недели по почетокот на украинската контраофанзива за враќање на окупираните територии.

„Некои луѓе веруваат дека ова е холивудски филм и очекуваат резултати одма. Не е. Она што е во прашање се животите на луѓето“, изјави тој за Би-Би-Си.

Украинските сили тврдат дека како дел од контраофанзивата, досега зазеле осум села во областа Запорожје на југ и Доњецката област на исток од земјата.

Зеленски смета дека контраофанзивата не оди лесно бидејќи руските сили минирале 200.000 квадратни километри украинска територија.

„Што и да посакаат некои, вклучително и обиди за притисок врз нас, со должна почит, ние ќе напредуваме на бојното поле како што ни одговара“, најави тој.

Повтори дека постои потреба Украина да добие безбедносни гаранции од НАТО, додавајќи дека крајната цел е членството во НАТО.

„Путин е опасен за нас од 2014 година, кога ја окупираше нашата прва територија. Тој ќе зборува за користење нуклеарно оружје, мислам дека не е подготвен да го стори тоа бидејќи се плаши за својот живот. Но, не постои начин на кој би можел да го кажам тоа со сигурност, особено за личност без врски со реалноста, која во 21 век започна целосна војна против својот сосед“, изјави тој.

Слични содржини