Зеленски: Русија би морала да загуби уште 800.000 војници за да го освои истокот на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија би морала да жртвува уште околу 800.000 војници во наредните две години доколку сака воено да го освои источниот дел на Украина.

од desk4
14 прегледи Фото: Принтскрин/ Global News

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија би морала да жртвува уште околу 800.000 војници во наредните две години доколку сака воено да го освои источниот дел на Украина.

„Освојувањето на источна Украина би ги чинело уште 800.000 животи. Би им биле потребни најмалку две години, со многу бавен напредок. Според мене, нема да издржат толку долго“, изјави Зеленски во интервју за француската телевизија France 2.

Војната во Украина, која се смета за најтешкиот вооружен конфликт на европскиот континент од Втората светска војна, трае речиси четири години и досега однесе десетици, а можеби и стотици илјади животи на двете страни. Во меѓувреме, милиони Украинци се принудени да побараат засолниште во странство.

Зеленски наведе дека, според официјалните украински податоци, досега загинале околу 55.000 украински војници. „Во Украина, официјално, на бојното поле, бројот на загинати војници, без разлика дали се професионални или мобилизирани – изнесува 55.000. Има и голем број лица кои се водат како исчезнати“, рече тој.

Отворена нова рунда преговори

Во Абу Даби започна нова рунда преговори со учество на Соединетите Американски Држави, со цел изнаоѓање решение за ставање крај на војната.

Сепак, набргу по почетокот на разговорите, Кремљ повторно инсистираше Украина да ги прифати руските услови, меѓу кои и повлекување на украинските сили од источниот регион Доњецк. Ова дополнително ги зголемува сомнежите во успехот на дипломатските напори што со месеци се водат со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Улогата на американскиот претседател е клучна. Путин се плаши само од Трамп“, изјави Зеленски, додавајќи дека Трамп сака да ја заврши војната со компромис, но дека Украина не може да прифати отстапки што би го загрозиле нејзиниот суверенитет.

„Ги поддржавме неговите предлози, но не може да има компромис кога станува збор за сопствениот суверенитет“, нагласи тој.

„Путин не се плаши од Европејците“

Зеленски исто така предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин „не се плаши од Европејците“, иако изрази благодарност до европските држави за воената, економската и дипломатската поддршка за Украина.

„Европејците живеат во безбеден свет што самите го изградиле. Но денес е јасно дека, ако Украина не го запре Путин, тој ќе ја нападне Европа“, заклучи украинскиот претседател.