Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила масовен напад врз Украина преку ноќ, лансирајќи „скоро 300 дронови за напад“ и уште 25 ракети
Најновиот бран напади повторно беше насочен кон енергетската инфраструктура низ целата земја, која со недели се бори со сериозни прекини на електричната енергија и греењето во текот на суровата зима.
Според него, нападите предизвикале „широко уништување на станбената и цивилната инфраструктура“ во голем број региони, вклучувајќи ги Киев, Днепар, Харков и Донецк, објавува Гардијан.
Во регионот Киев, рече тој, „неколку стотици илјади домаќинства“ останале без електрична енергија, а целата ситуација е особено тешка бидејќи утринските температури паѓаат на минус 12 степени Целзиусови.
„Како и секогаш, каде и да се обидува Русија да уништи, Украинците се поддржуваат едни со други, а внатрешната отпорност е она што е најпотребно сега“, рече Зеленски, заблагодарувајќи им се на граѓаните за нивната солидарност.
Тој исто така нагласи дека „без никаква воена цел, Русија испука ракети врз поштенскиот терминал во Коротич, Харковскиот регион, при што загинаа 4 лица“.
Тој продолжи: „Секој таков удар врз животот е потсетник дека поддршката за Украина не може да се запре. Ракетите за системите за воздушна одбрана се потребни секој ден, особено во текот на зимата. Светот може да одговори на овој руски терор со нови пакети помош за Украина. Очекуваме забрзување на испораките што веќе се договорени со Америка и Европа. Русија мора да научи дека студот нема да ѝ помогне да ја добие војната. Ви благодарам на сите што помагате“, заклучи Зеленски.