Истовремено, тој откри дека Франција ветила дополнителна воена помош за Украина, вклучително и авиони.
„Знаеме дека Русите се подготвуваат за нов удар – такви информации добиваме од разузнавачките служби“, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање, нагласувајќи дека партнерите во САД и Европа мора да разберат дека ваквите потези „ги дискредитираат дипломатските разговори“.
Зеленски информираше и дека одделно телефонски разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за состојбата на фронтот, за „руските загуби“, како и за дипломатските напори по неодамнешните состаноци во Абу Даби.
„Напади и покрај преговорите“
Украинскиот претседател најави дека Франција дополнително ќе ги зајакне одбранбените капацитети на Украина со значителни воени испораки.
„Оваа година ќе има дополнителни испораки на француски авиони, ракети за системите за противвоздушна одбрана и авио-бомби“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X, додавајќи дека Париз ќе испрати и генератори за зајакнување на енергетската отпорност на земјата.
Говорејќи за внатрешната состојба, Зеленски посочи дека „најтешката ситуација“ со греењето и електричната енергија во моментов е во Киев, поради неодамнешните напади.
Осврнувајќи се на паралелните дипломатски процеси во кои се вклучени САД и европските земји, Зеленски истакна дека дипломатијата, за да даде резултати, мора да има „реална тежина“ за граѓаните.
„Кога руските напади продолжуваат, кога ударите не престануваат, на луѓето им е тешко да почувствуваат дека дипломатијата е конструктивна“, порача украинскиот претседател.