Зеленски: Русите треба да ги почувствуваат последиците од својата агресија

„Правиме сè, но одлуката за мир зависи од партнерите“, порача украинскиот претседател

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Х/Принтскрин/Официјален профил на Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев прави сè за да ја заврши војната со Русија, но дека на крајот одлуката за мир ќе зависи од неговите партнери.

„Ова се едни од најактивните дипломатски денови во годината и многу работи можат да се решат пред Нова година, а ние правиме сè за таа цел, но дали ќе се донесат одлуки зависи од партнерите“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Телеграм пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида.

Тој додаде дека украинските партнери треба да го зголемат притисокот врз Москва „за Русите да ги почувствуваат последиците од нивната агресија“.

Зеленски, кој доцна синоќа пристигна во Флорида со својата делегација, се среќава со Трамп за да се договори план за завршување на војната во Украина. Претседателот им се заблагодари на сите што ѝ помагаат на Украина.

Зеленски објави дека за време на средбата во резиденцијата на Трамп во Флорида, планира да разговара за судбината на спорниот регион Донбас во источна Украина, како и за иднината на нуклеарната централа Запорожје. Москва постојано инсистираше Украина да го предаде целиот Донбас, дури и областите што се уште се под контрола на Киев.

Руските претставници се спротивставија на другите делови од најновиот мировен предлог, што предизвика сомнежи дали рускиот претседател Владимир Путин ќе ги прифати резултатите од разговорите меѓу Трамп и Зеленски.