Зеленски се обрати пред ЕП: „Европа секогаш ќе биде Европа се додека сме заедно и се грижиме за европскиот начин на живот“

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Членовите на Европскиот парламент долго време му аплаудираа на украинскиот претседател Зеленски пред тој да одржи говор пред нив. Тие го бодреа и аплаудираа, а некои од нив ги носеа сините и жолтите бои на украинското знаме на панделките закачени на облеката.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола на почетокот на својот говор го поддржа повикот на Украина да и се испрати повеќе оружје.

„Ние ја знаеме жртвата што вашиот народ ја направи за Европа и мораме да оддадеме почит не само со зборови, туку и со дела“, рече таа, додавајќи дека ова треба да ги вклучи „авионите што ви се потребни за да ја заштитите слободата што многумина ја земаат здраво за готово“.

Мецола потоа го пофали одговорот на Украина на земјотресот во Турција со испраќање спасувачи.

„Украина се бори за вредностите што нè врзуваат, вредностите што не прават Европејци. Вашата иднина е во Европската унија“, вели таа.

Мецола вели дека одговорот на ЕУ мора да биде пропорционален на заканата – а заканата е егзистенцијална. Таа додава дека Зеленски нема потреба да убедува никого од присутните дека е потребна поддршка. Мецола рече и дека го поддржува „планот од 10 точки“ на украинскиот претседател, кој вклучува изведување на одговорните за нападите пред лицето на правдата.

„Ќе бидеме со вас онолку колку што е потребно“, заклучила таа.

Потоа Зеленски се обрати пред Европскиот парламент. Украинскиот претседател изгледаше како да ги задржува солзите додека извикуваше „Слава на Украина!“ Неговиот крик беше дочекан со занес.

„Ви благодариме за вашиот принципиелен и енергичен пристап, два квалитети кои ги видовме непроменети во оваа борба за Европа. Ги славиме европските животни стандарди, владеењето на правото, отворените општества и вредностите на европските луѓе. Ова е наша Европа, тоа се нашите правила, ова е нашиот начин на живот. А за Украина тоа е патот до дома“, вели Зеленски.

Украинскиот претседател им порача на европските пратеници дека Русија сака да ја врати Европа во ксенофобијата од 1930-тите и 1940-тите.

„Нашиот одговор на тоа е „не“. Ние се браниме. Мора да се браниме“, рече тој.

„Европа секогаш ќе биде Европа се додека сме заедно и се грижиме за европскиот начин на живот. Ве поканувам сите во Украина и слава на Украина“, рече Зеленски завршувајќи го својот говор.

По завршувањето на говорот, Зеленски го прими знамето на Европската Унија. Пратениците во Европскиот парламент навиваа и ракоплескаа, додека тој го држеше знамето до Мецола.

Слични содржини