Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е клучно САД да не дозволат рускиот претседател Владимир Путин да избега од политичка и економска изолација. Во интервју за „Eurovision News“ на 26 март, Зеленски истакна дека таквиот потег може да има далекусежни и опасни последици.
Неговите изјави дојдоа еден ден откако Русија и Украина, со посредство на САД, постигнаа договор за делумен прекин на огнот, фокусирајќи се на намалување на нападите врз енергетската инфраструктура и прекин на непријателствата во регионот на Црното Море. Во замена за оваа мерка, САД се согласија да го прошират пристапот на Русија до глобалните пазари, пренесува „Киев Индипендент“.
„Исклучително е важно САД да не му помогнат на Путин да избега од глобалната изолација во овој момент“, рече Зеленски за време на посетата на Париз. „Верувам дека ова е исклучително опасно. Ова е еден од најризичните моменти во поновата историја.
Зеленски истакна дека Путин има намера да остане на власт до неговата смрт и предупреди дека неговите амбиции ја надминуваат Украина, заканувајќи се со директен конфликт со Западот.
Тој ги повика Соединетите Американски Држави и европските партнери да останат обединети во вршењето притисок врз Москва, нагласувајќи дека Путин се плаши од европско-американскиот сојуз и се стреми да го подели.
„Путин се плаши и од сопствената смрт“, додаде Зеленски. „Тој ќе умре наскоро – тоа е факт – и тогаш се ќе биде готово“.
Во изјавата по последната рунда разговори со руските претставници во Саудиска Арабија, американската страна вети дека ќе ги олесни одредени економски ограничувања за Русија како дел од ограничениот договор за прекин на огнот. САД ветија дека ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до глобалните пазари за земјоделски извоз и ѓубрива, да се намалат трошоците за поморско осигурување и да се подобри пристапот до пристаништата и платните системи за спроведување на такви трансакции.
Загрижувачки е, сепак, што за време на преговорите не беа изнудени значајни отстапки од руска страна. Имено, Украина на 11 март го прифати предлогот на Вашингтон за целосен прекин на огнот во траење од 30 дена, под услов Русија да се придржува до истите услови, но Москва го одби предлогот.
Зеленски рече дека договорениот ограничен прекин на огнот во Црното Море е „дефинитивно чекор кон завршување на војната“, но нагласи дека Украина останува посветена на целосен, траен прекин на непријателствата.
„Во принцип, бевме и остануваме подготвени за целосен прекин на огнот“, заклучи Зеленски.