Зеленски: Украина ги донесе сите одлуки за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ги донела сите одлуки што требало да бидат донесени за почеток на преговорите за пристапување на земјата во Европската унија.

Тој потсети дека во вторникот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Молдавија, Маја Санду, престојувале во Киев на десетгодишнината од почетокот на Мајдан, што, како што наведе, е посебно симболично.

„Главна тема беше нашата интеграција во Европската Унија. Нашата земја прави се што е потребно за правилен почеток на пристапните преговори. Сите одлуки што требаше да ги донесеме се веќе донесени. А сега дури и ќе го одобриме она што требаше да се направи пред пролет“, рече Зеленски во видео обраќањето.

Според него, Украина е апсолутно решена да спроведе се и да биде целосно подготвена за почеток на преговорите.

„Многу е важно Европската унија да го исполни своето ветување со донесување одлука за почеток на преговори со Украина“, нагласи тој.

Тој изрази благодарност до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и сите партнери во Европа за нивната поддршка и нагласи дека „сега е време да се зајакне солидарноста“.

На 8 ноември, Европската комисија му препорача на Европскиот совет да ги отвори преговорите за пристапување на Украина и Молдавија во ЕУ.

Таа, исто така, препорача, под одредени услови, отворање на преговорите со Босна и Херцеговина и доделување статус на земја кандидат за Грузија.

Во декември оваа година, Европскиот совет треба да го разгледа прашањето за почеток на преговори за пристапување на Украина во ЕУ.

Слични содржини