Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека украинските сили и го нанесуваат „најголемиот удар на руската армија во последните децении“. Зеленски денеска на социјалните мрежи објави ново обраќање до нацијата.
Тој вели дека руската армија претрпе најголеми загуби во последните неколку децении – тврдејќи дека 31 руски баталјонски тактички групи сега се неспособни за борба и дека Русите изгубиле 360 тенкови.
Зеленски додаде дека групи руски војници им се предаваат на украинските сили, но дека Русија сега регрутира борци, резервисти, регрути и платеници за бројно да ги надмине украинските сили, пишува Си-Ен-Ен.
„Тие користат терор за да не скршат, да ни ја скршат вербата во победата на Украина, убеден сум дека нема да успее“, рече Зеленски.
Во обраќањето до градот Мариупол, Зеленски рече дека украинските сили ќе гарантираат прекин на огнот долж коридорот за евакуација од градот.
Претседателот на Украина бара итно ослободување на градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, кој наводно бил киднапиран од руските сили.
„Дали слушаш, Москва? Ако 2.000 луѓе демонстрираат во Мелитопол против окупацијата, колку има во Москва против војната? Во текот на ноќта разговарав со нашите партнери за ситуацијата со нашиот градоначалник. Нашето барање е јасно: тој мора да биде веднаш ослободен…“, рече Зеленски.
Зеленески рече дека Украина соработува со Европската комисија за забрзување на нејзиното членство во ЕУ.