Зеленски во ЕП: Русија сака да го уништи европскиот начин на живот

од Stefanija Kuzmanovska
142 прегледи

Во своето денешно обраќање пред Европскиот парламент во Брисел, украинскиот претседател Владимир Зеленски ја повика ЕУ да ја прифати неговата земја како членка, нагласувајќи дека Русија сака да го уништи „европскиот начин на живот“, пренесува Си-Ен-Ен.

„Сакаме да се вратиме дома во Европа“, рече Зеленски во емотивното обраќање, наведувајќи дека неговата земја ги споделува вредностите со Европа, а не со Русија, за која рече дека се обидува да ја врати Украина во минатото.

Зеленски рече дека Русија сака да ја врати Европа во периодот на ксенофобија од 1930-тите и 1940-тите.

„Нашиот одговор на тоа е не. Ние се браниме. Мора да се браниме“, рече тој.

Тој подвлече дека Русија сака да го уништи европскиот начин на живот.

„Нема да го дозволиме тоа“, наведе Зеленски.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола пред неговото обраќање го претстави украинскиот претседател Володимир Зеленски со зборовите: „Ви го чуваме грбот“ и „Слободата ќе надвладее“.

Европратениците со аплауз го поздравија украинскиот претседател.

„Украина е Европа и иднината на вашата нација е во Европската унија. Ќе бидеме со вас колку што ќе биде потребно“, рече Мецола на почетокот на самитот на ЕУ, стоејќи до Зеленски.

Слични содржини