Зеленски во посета на Норвешка, бара поголема поддршка за Киев во војната со Русија

од Stefanija Kuzmanovska
238 прегледи

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска допатува во ненадејна посета на Норвешка, на разговори со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере и други нордиски лидери за поголема поддршка за Киев во војната со Русија.

За време на посетата на Норвешка, веднаш по средбите во САД со американскиот претседател Џозеф Бајден и американските пратеници во Вашингтон, Зеленски рече дека негов клучен приоритет е зајакнувањето на противвоздушната одбрана на Украина, пренесе „Ројтерс“.

„Денеска разговаравме и ќе разговараме за конкретни работи што можат да спасат илјадници и илјадници животи на Украина, како и да го зголемиме притисокот врз агресорот“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со Стере во Осло.

Стере рече дека Норвешка ќе донира три милијарди круни (273 милиони долари) на Украина.

Средствата се дел од пакетот кој претходно беше договорен во норвешкиот парламент и изнесува 75 милијарди круни во текот на пет години.

„Норвешка ќе продолжи да ја поддржува борбата на Украина да се брани. Обезбедуваме насочена, долгорочна поддршка за да ѝ помогнеме на Украина во нејзината борба за слобода и демократија“, рече Стере.

Зеленски треба да присуствува и на самитот на кој лидерите на петте нордиски земји – Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска – кои спаѓаат меѓу клучните сојузници на Украина во 22-месечната војна со Русија.

Слични содржини