Зеленски во Турција, Кремљ нервозен: „Ќе ги следиме разговорите многу внимателно“

од Vladimir Zorba
629 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во петокот во Турција, каде што веднаш се сретна со неговиот колега Реџеп Таип Ердоган, неколку дена пред важниот самит на НАТО и во пресрет на 500-тиот ден од почетокот на руската агресија врз Украина.

Овој последен дел од меѓународната турнеја на украинскиот претседател, чија цел е да обезбеди повеќе западно оружје и поддршка за амбициите на Киев да се приклучи на НАТО, е исто така негова прва посета на Турција од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Речиси истовремено во петокот Вашингтон предупреди дека Украина нема да стане членка на НАТО на самитот на Алијансата во вторник и среда во Вилнус.

Киев треба да направи „многу чекори пред да стане членка“ на Северноатлантската организација изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Освен самитот на НАТО, разговорите на Зеленски со турскиот претседател, кој има блиски врски и со Киев и со Москва, се очекува да бидат фокусирани и на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.

Договорот за жито од јули 2022 година спонзориран од ОН и Турција истекува на 17 јули, а Русија рече дека не гледа причина да го продолжи.

Во твит, Зеленски појасни дека разговорите ќе бидат за „обновување на Украина“ и „одбранбени договори“.

Кремљ соопшти дека многу внимателно ќе ги следи разговорите во Турција, ветувајќи дека ќе одржи „конструктивно партнерство со Анкара“ и ја поздрави „посредничката“ улога на турскиот претседател.

Според аналитичарите, Зеленски најверојатно ќе се обиде да го притисне својот турски колега да и даде зелено светло на Шведска за приклучување кон Алијансата, додека претставниците на НАТО сè уште се надеваат дека ќе ја убедат Анкара да го укине ветото на одлуката.

Во петокот, Ердоган навести дека Турција ќе ја донесе „најдобрата одлука, која и да е“, во врска со членството на Шведска.

Турскиот претседател вели дека Шведска е засолниште за членови на милитантни групи, главно поддржувачи на Курдистанската работничка партија (ПКК), која тој ја обвинува за организирање протести и финансирање терористички групи.

Украинскиот лидер пред Турција ги посети Словачка, Чешка и Бугарија.

Во Братислава тој изрази жалење за недостатокот на единство во НАТО во однос на влезот на Шведска и Украина.

„Мислам дека нема доволно единство во оваа област. И тоа е закана за силата на алијансата (…) Тоа е многу важно за безбедноста на целиот свет“, рече Зеленски на прес-конференцијата.

Русија смета на „слабоста и неединството на алијансата“, нагласи тој, повикувајќи на нови програми за воена помош за Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг организира состанок на турските и шведските лидери во понеделник во Литванија, пред самитот на НАТО, за да се обиде да го надмине турското противење за членството на Шведска.

Слични содржини