Претседателот на Украина Владимир Зеленски денеска изјави дека е време НАТО да донесе политичка одлука и да ја покани Украина да се приклучи на тој воен сојуз.
На заедничката прес-конференција во Киев со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, украинскиот лидер рече дека самитот на НАТО во Вилнус во јули би можел да стане „историски“ и додаде дека добил покана да присуствува, пренесе „Ројтерс“.
„Благодарен сум за поканата да го посетам самитот, но исто така е важно Украина да добие соодветна покана. Нема објективна пречка за политичката одлука да се покани Украина во Алијансата и сега, кога мнозинството луѓе во земјите на НАТО и мнозинството Украинци поддржуваат влез во НАТО, време е за такви соодветни одлуки“, рече Зеленски.
Тој рече дека Украина, исто така, сака безбедносни гаранции на својот пат еден ден да стане членка на НАТО.
„Оваа посета на генералниот секретар, прва од почетокот на војната, ја толкуваме како знак дека Алијансата е подготвена да започне ново поглавје во односите со Украина, поглавје на амбициозни одлуки“, рече Зеленски.
Тој додаде дека го повикал Столтенберг да изврши притисок врз некои членки на НАТО за кои рече дека бавно обезбедуваат тешко вооружување.