Зеленски за борбите во Мариупол: Многу борци се ранети, таму има и деца

од Stefanija Kuzmanovska

Според последната проценка на Русија, околу 2.000 украински борци се скриени во лавиринтот од тунели и бункери под големата фабрика за челик Азовстал во Мариупол. Се верува дека таму се заробени и неколку стотици цивили.

„Има многу ранети борци, но тие не се предаваат. Тие ги држат своите позиции“, рече украинскиот претседател Владимир Зеленски во видео обраќањето.

Тој рече дека нападот спречил евакуација на преостанатите цивили.

„Само замислете го овој пекол! Таму има и деца. Повеќе од два месеца постојано гранатирање, бомбардирање, смрт“, рече Зеленски.

Русите успеале да влезат внатре со помош на електричар кој го знаел распоредот на централата, изјави Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, пренесува АП.

„Им ги покажа подземните тунели кои водат до фабриката. Вчера Русите почнаа да ги напаѓаат овие тунели, користејќи информации што ги добиле од предавници“, рече Герашченко во видеото објавено во средата навечер.

Кремљ негираше дека армијата започнала офанзива на централата.

Падот на Мариупол ќе ја лиши Украина од клучното пристаниште, ќе и овозможи на Русија да воспостави копнен коридор до полуостровот Крим, кој го зазеде од Украина во 2014 година, и ќе ослободи војници да се борат на друго место во Донбас, источен индустриски регион за кој Кремљ вели дека сега е главната цел.

Слични содржини