Зеленски: Западот има доволно оружје, но не ни го испраќа

од Nikola Popovski

Доцнењето на Западот со испораката на оружје во Украина ги чини животите на Украинците, изјавил претседателот на Украина, Володимир Зеленски, тврдејќи дека има доволно оружје и системи за противвоздушна одбрана, но дека тие не пристигнуваат навреме во Украина.

– Светот знае дека може да се спротивстави на теророт. Доцнењето на испораката, за жал, доведува до загуби, до тоа што списокот на деца чии животи ги зема Русија постојано расте, рекол Зеленски, како што пренесува Танјуг, во врска со рускиот ракетен напад врз Одеса, во кој беа убиени повеќе цивили, меѓу кои и деца.

Зборувајќи за ситуацијата на фронтот, каде Русија доби супериорна позиција во последните неколку недели со заземањето на неколку важни украински утврдувања, Зеленски истакнал дека новиот началник на Генералштабот на украинските вооружени сили има „отворени раце“ за сите кадровски промени во армијата и штабовите, додавајќи дека очекува негови конкретни предлози во однос на натамошните промени и планираните активности.

Во ноќта од саботата кон неделата, руската армија уништи 38 украински беспилотни летала над Крим, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Претходно Министерството соопшти дека се уништени четири украински беспилотни летала над регионот на Белгород и еден над Ленинградската област, пренесува Танјуг, додека мостот на Крим бил затворен за сообраќај два часа.

Од почетокот на нападот на Украина во февруари 2022 година, Русија речиси секојдневно најавува напади со украински беспилотни летала на границата и централните области, како и на Крим.

Слични содржини