Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави дека педесетина граѓани на РС Македонија се префрлени од Кабул во Доха и во Абу Даби, а уште 19 наши граѓани се на пат за Доха. Сите потоа со редовни цивилни летови преку Катар и Лондон треба да се вратат во земјава.
Според последните информации, 14 наши граѓани сѐ уште се наоѓаат во НАТО базата во Кабул, а дел од нив се очекуваше вчера да бидат безбедно транспортирани. Тројца остануваат во НАТО базата, согласно нивниот распоред на обврски.
Владата на Република Северна Македонија продолжува со интензивна координација со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации во рамки на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање и спасување на авганистанското цивилно и миротворно население.
Владата, како што соопштија вчера, има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.