Договорот што им овозможува на земјите од Централна Европа да купуваат руски гас преку Украина наскоро ќе заврши, изјави рускиот претседател Владимир Путин, и покрај тоа што про-Кремљ лидерите на Европската унија се обидуваат да обезбедат постојан пристап до евтина руска енергија.
Говорејќи на годишната прес-конференција, Путин рече дека договорот за транзит низ Украина истекува на крајот на годината и нема да биде продолжен, иако нема јасна алтернатива.
„Тоа е тоа, тој договор веќе нема да постои, тоа е јасно, но во ред е, ќе преживееме, ќе преживее Газпром“, рече Путин, пренесе „ФоНет“.
Речиси во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Брисел рече дека Киев нема да го продолжи транзитот на руски гас кога ќе истече договорот. Според него, „срамота“ е што одредени земји се загрижени дали во иднина ќе плаќаат повеќе за гас, додека Украинците ги губат животите бранејќи се од инвазија, пренесува Политико.
Русија ја намали испораката на гас за Германија и Полска по нападот врз Украина, но неколку членки на ЕУ, меѓу кои Словачка, Унгарија и Австрија, продолжија да добиваат руски гас преку Украина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо повика на постигнување договор за продолжување на испораките на гас преку Украина и најави дека на состанокот на Европскиот совет ќе го постави ова прашање со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.