Земјоделците во Франција почнаа да блокираат осум автопати кои го поврзуваат Париз со остатокот од Франција со речиси 800 трактори, додека блокадите продолжуваат во неколку француски региони.
Протестите се интензивираат во Лион, каде во вторник се очекуваат најголем број демонстранти, додека во областа Марсеј е планирана блокада на патиштата што го поврзуваат југот на Франција со северните градови, наведува „Фигаро“.
Од Елисејската палата беше соопштено дека францускиот претседател Емануел Макрон во четврток во Брисел ќе разговара со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен поради кризата во земјоделството и мерките за поддршка што ги бараат земјоделците на ниво на ЕУ.
Министерот за земјоделство, Марк Фесно, изутринава за јавниот сервис Франс 2, вети дека ќе има „одреден број на нови мерки“. За него, кризата е повеќекратна.
Фесно најави дека земјоделците ќе се најдат на агендата на европскиот самит во четврток, бидејќи дел од барањата на земјоделците се упатени до Европа. Во меѓувреме не попушта притисокот на гневните земјоделци.
Владата се подготви за опсадата на Париз, мобилизирајќи 15.000 припадници на силите на редот, вадејќи и блиндирани возила околу главниот пазар на големо Ранжис во парискиот регион. Целта е да се избегне влегувањето на тракторите во Париз. Досега властите се покажаа толерантни кон земјоделците, без употреба на сила.
Синдикатите повикаа на добро однесување на земјоделците, за да се избегне насилство.