Земјоделците револтирани од кратење на субвенциите, најавуваат протести

Голем дел од ситните земјоделци ќе се откажат од земјоделството, бидејќи нема да им се исплати, изјави за „Локално“, Диме Димитриески, претседател на УО на Националната земјоделска мрежа.

од Vladimir Zorba
77 прегледи Фото: НЗМ

Новата програма за финансиска поддршка во земјоделството предизвика бурни реакции кај земјоделските здруженија и производителите, кои велат дека намалените субвенции ќе доведат до намалување на производството на храна. Дел од земјоделците сметаат дека со измените во субвенциите голем број мали производители, како овоштари и градинари, веќе нема да исполнуваат услови за добивање поддршка и ќе останат без субвенции. Според опозицијата, државниот буџет за субвенции е намален за околу 40 милиони евра, што е драстичен удар врз аграрниот сектор кој веќе се соочува со ниски откупни цени, евтин увоз и зголемени трошоци.

Заемјоделските здруженија велат дека доколку надлежните не седнат со нив на маса и да им објаснат за кои земјоделски култури и за колкави површини ќе добијат субвенции. Во спротивно, како што велат ќе излезат на протест и од улица ќе бараат објаснување зашто им се скратени субвенциите.

-Со новиот закон за субвенционирање нашиот производ нема да биде конкурентен со увозните производи кои се високо субвенционирани од нивните држави. Нашиот аграр опстојува благодарени на ситните земјоделци на кои постојано им се кратат корењата. Ако бидат изоставени од финансиската поддршка од државата ќе бидат нерентабилни, ќе имаат повисоки трошоци, а домашното производство ќе биде непрофитабилно. Голем дел од ситните земјоделци ќе се откажат од земјоделството, бидејќи нема да им се исплати, изјави за „Локално“, Диме Димитриески, претседател на УО на Националната земјоделска мрежа.

Фото: НЗМ

Наместо да се зголеми производството на храна, со кратење на земјоделските субвенции ќе се постигне обратен ефект ќе се намали домашното земјоделско производство, а ќе се зголеми увозот на храна кој надмина една милијарда евра.

За споредба финансиската поддршка во земјоделството во 2012 година изнесуваше 4 отсто од Буџетот на државата, а сега достигнува едвај 1,4 отсто.

-Единствен начин да го вратиме домашното производство и да го намалиме увозот на храна е да му се даде доволно финансиска поддршка на земјоделецот. Во ЕУ дури 33 отсто од буџетот оди за земјоделството, а кај нас едвај 1,4 отсто. Земјоделците се незадоволни од зголемениот увоз на домати, пиперки и краставици од соседните земји кои се понеквалитетни и им конкурираат на домашните производи. Државата треба да има механизми како да го заштити домашното производство, вели Димитриески.

Според Ѓорѓи Каракашев во последните 10 години субвенциите константно се движат околу 100 милиона евра кои не ги покриваат ни елементарните потреби.

Ѓорѓи Каракашев; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Поткаст

-Потрагично е што оваа година субвенциите се условени. Кај растителното производство тоа е минимум 0,7 проценти, кај животинското се условени, на пример, со минимум 30 пчелни семејства, минимум 30 овци, 30 кози, минимум три крави. Во ситуација во која се соочуваме со нелојална конкуренција од надвор и имаме увоз од над една милијарда евра, ни доаѓа стока со дампинг цени и субвенционирана од нивните држави, ние сме неконкурентни. А и откупните цени во државата се околу производната цена или се пониски. Ние мора да го кренеме гласот до надлежните институции. Освен тоа, од сите субвенции, 52 милиона евра се за годинашново производство, а 46 милиони за плаќање на заостанатите субвенции. Ние сме за разговори и сакаме средба. Ако буџетот од 2015 е зголемен за триста проценти, зошто и субвенциите не се зголемени за да имаме конкурентно производство и здрава храна, изјави Каракашев.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, вели дека нема кратење на земјоделските субвенции и оти опозицијата ширела дезинформации. Тој појасни дека има само постепена транзиција, со цел малите земјоделци да се прилагодат на новите услови.

Од опозицијата стигнаа остри критики до владината политика, тврдејќи дека средствата за субвенции биле намалени за околу 40 милиони евра. Според опозицијата, покрај намалениот буџет, воведени се и построги услови за добивање субвенции, вклучително и отежнати прагови за право на поддршка.

Б.С.