Пратеничката на ДУИ Арта Биљали-Зендели вечерва изјави дека „и пратениците се луѓе“, откако беше запрашана како ги коментира вчерашните инциденти и тензии на собраниската седница на Комисијата за европски прашања.
-Тензиите се толку големи, особено откако ВМРО почна со активната блокада. мислам дека целта некако беше и да ја постигнат со Арбер. Тој е многу смирен, многу мирен и пак зборува со колегите од опозицијата. Тој како човек толку добро ги развива односите со другите, што јас мислам дека имаше голема провокација што го извади од такт. Јас мислам дека треба други органи и институции да кажат за тоа вчера. Не сум за насилство, знам каков е Арбер и не можам да кажам дека тој тоа го направи по сопствена волја. Вчерашната провокација беше насочена кон било кој, особено кон ДУИ во последниот период, што започна и со спикерот Џафери, вели Биљали-Зендели.
Според пратеничката, и денес најголемата опозициска партија сакала да провоцира.
-Нив им смета нормалното функционирање на институциите, сакаат анархија и предвремени избори. Нив им се брза, нека обезбедат 61 пратеник и ќе добијат избори, но вака со провокации не, констатира Биљали-Зендели во гостувањето на емисијата „Топ тема“.