„Зетот на Меџити назначен за директор на Агенцијата за стокови резерви, претходно функции добија уште двајца негови братучеди“, обвинија од партијата на Апасиев

Левица: „Остана ли роднина на Меџити што ВМРО-ДПМНЕ не го стави на раководна функција?“

од Nikola Popovski
57 прегледи Фото: Фејсбук

Партијата Левица денеска обвини дека зетот на Изет Меџити, Бесим Кока бил именуван за директор на Агенцијата за стокови резерви. Од партијата потсетуваат дека претходно, прв братучед на поранешниот прв вицепремиер, а актуелен градоначалник на Чаир, бил поставен за директор на МЕПСО. Според Левица, друг негов братучед за директор на НОМАГАС, а сега и зетот добива раководна позиција во стратешка државна институција.

„Институциите се претвораат во фамилијарна мрежа, а државата во приватен имот на политичко-роднински клан. Се поставува прашањето дали воопшто некоја роднина на Меџити остана “дискриминирана“, односно без раководна функција? Мицкоски не само што функционира со кадри на ДУИ, туку ги практикува и со засилено темпо го надградува клановско владеење, клиентализмот и распределбата на функциите како партиско-семејни привилегии“, стои во партиското соопштение.

Од партијата на Димитар Апасиев, додаваат дека за година и пол владеење, листата на непотистички и клиентелистички скандали на оваа власт веќе е предолга за набројување.

-Очигледно, времето за реформи им е кратко, но времето за плетење семејно-партиски мрежи – повеќе од доволно. Пораката кон јавноста е понижувачка. Според оваа власт, од цела Македонија најспособни се токму роднините и апологетите на владејачката коалиција. Сите други, младите инженери, економисти, правници, лекари – се вишок, статистика, бројка во колоната на иселени. Тие си заминуваат не затоа што нема работа, туку затоа што однапред знаат дека системот не е наштиман за нив, дека вратите се отворени само за оние со соодветна крвна врска и потребна партиска линија.