Згасна македонскиот сервис на Радио Слободна Европа

РСЕ ги затвора бројните подружници низ светот откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го укина финансирањето на медиумските проекти надвор од САД

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа денеска престанува со работа. Заедно со македонскиот сервис, се затвора и сервисот на Радио Слободна Европа на паштунски јазик, кој емитува програма за Авганистан и Пакистан.

Радио Слободна Европа ги затвора бројните подружници низ светот откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го укина финансирањето на медиумските проекти надвор од САД.

Претседателот и извршен директор на Радио “Слободна Европа“, Стивен Капус изјави дека затворањето на македонскиот сервис е загуба за публиката што ја опслужува.

„Но, сегашната буџетска состојба на Радио „Слободна Европа“ нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме нашите ресурси. Оваа одлука е донесена со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови и за стандардот на извонредност што го одржувале“, порача Капус пред една недела.

Радио Слободна Европа на македонски јазик работи од 2001 година.

Претходно, беше донесена одлука за затворање и на сервисите во Бугарија, Романија. И тие прекинуваат со емитување на 31 март. Во декември минатата година беше затворен и унагрскиот сервис на Радио Слободна Европа, како и бирото во Црна Гора.