Згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ обвинува за „режим“ во земјава и ги бара истите права како Македонците, Албанците, Србите…

„Ако бевме само 3 илјади, како што тврди режимот, тогаш зошто европската иднина на речиси 2 милиони граѓани е блокирана со одбивањето да се прекинат репресиите против толку наводно мала заедница?“, прашуваат од сега веќе згаснатиот бугарски клуб од Битола

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Фејсбук/Културен центар Иван Михајлов

Македонските Бугари од Битола обвинуваат дека во Македонија има „режим“ и бараат, како што велат, да прекинат антибугарските репресии. Ова се наведува во соопштението, за кое велат дека е декларација, објавено на Фејсбук-страницата на згаснатиот Културен центар „Иван Михајлов“ од Битола.

Тие истакнуваат дека „нивниот број не треба да биде причина за негирање на правата и слободите во земја која тврди дека е демократска“.

„Ако бевме само 3 илјади, како што тврди режимот, тогаш зошто европската иднина на речиси 2 милиони граѓани е блокирана со одбивањето да се прекинат репресиите против толку наводно мала заедница?“, прашуваат од сега веќе згаснатиот бугарски клуб.

Според нив, вистината е едноставна и дека, како што велат, сосема непотребно ги плаши македонските власти.

Во објавата на социјалните мрежи, повторно се наведуваат наводните репресии против бугарските клубови, нивното затворање, како и нападите против нив и ги нарекуваат „непријателство спонзорирано од државата, верувајќи дека тоа е основата на денешната масовна антибугарска хистерија“.

Од згаснатиот клуб инсистираат на добивање на исти индивидуални и колективни права како Македонците, Албанците, Србите и другите заедници – во образованието, медиумите и администрацијата.

„Ние не молиме, туку инсистираме да ги добиеме нашите права бидејќи сме конститутивен народ во нашата татковина“, стои, меѓу другото, во т.н. декларација.

Бугарскиот клуб од Битола кој го носи името на Ванчо Михајлов, во март 2023 година беше избришан од Централниот регистар откако тогашниот министер за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива како неосновано барањето за одобрение за користење на името на Михајлов во називот на бугарскиот Културен центар во Битола.

Лога тогаш го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности, која наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.

Слични содржини