Зголемен број на поплаки за високи сметки за меѓународни разговори, претплатниците тврдат дека не ги реализирале

од Маја Анчевска
339 прегледи

Македонските ѓраѓани освен што се соочуваат со високи сметки за електрична енергија, се соочуваат и со висока сметка за користење на телекомуникациските услуги, особено за мобилните меѓународни разговори. Голем број поплаки со телекомуникациски проблеми стигнуваат до Агенцијата за електронски комуникации и до Oрганизација на потрошувачите на Македонија.

Во изминатата година во советувалиштето на ОПМ, пристигнале вкупно 1655 поплаки по разни основи од незадоволни потрошувачи. Како што информираат за „Локално“, од почетокот на оваа година  се примени значителен број на поплаки од потрошувачите за  електричана енергија и телекомуникациски услуги. .

– Во делот на јавните услуги  имаше поголем број на поплаки, конкретно високи сметки за електрична енергија и проблеми со телекомуникациски услуги, велат од ОПМ.

Проблемот со висока сметка и квалитет на телекомуникациски услуги за „Локално“ го потврдуваат и од АЕК.

–  Приговори од различен спектар стигнуваат до АЕК, меѓутоа како најбројни се издвојуваат оние кои се однесуваат на висока сметка и на квалитет на телекомуникациска услуга. Во моментов актуелни и најбројни се Барањата за решавање на спор кои се однесуваат на висока сметка заради тарифирани меѓународни разговори, за кои претплатниците тврдат дека не ги реализирале, вели директорот на АЕК, Јетон Акику.

АЕК постојано работи на подобрување на законската регулатива (ЗЕК и Правилникот за општи услови) во насока на поквалитетна заштита на претплатниците, како и на поголема информираност на истите преку јавни објави, со цел да се заштитат од несакани прекумерни трошоци кои се најчест кориснички проблем.

–  Голем дел од гореспоменатите Приговори се усвоени или делумно усвоени преку побарување на докази од операторите во ЦДР со информација за деталност во кој странски оператори ги завршиле разговорите, исто така и преку механизмот за заштита од прекумерна потрошувачка воведен во законската регулатива на АЕК, додаде директорот Акику.

Од АЕК не добивме одговор на прашањата за бројот на доставени и решени поплаки, како и за тоа од кој оператор граѓаните најмногу се жалат.

На 01 Јули 2021 година, се воведе моделот „Роамирај како да си дома”. Според него не се плаќаат дополнителните трошици за повици и смс во роаминг  низ регионот на Западен Балкан, односно за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, но само доколку сте претплатник на еден од операторите кои работат во земјите од Западен Балкан.

М.А.

Слични содржини