Зголемен притисок врз слободата на новинарството: Судска пресуда за Блажевска затоа што пишуваше за злоупотреби во ученички дом

од Илинка Илиоска
131 прегледи

Анета Блажевска, новинарка од Битола, е осудена на клевета од Основниот суд во Битола поради објавени текстови кои укажаа на злоупотреби во Средношколскиот дом во Битола. Судската одлука, донесена по тужба на директорката на Домот, Елена Спасеновска, за клевета, значи дека Блажевска ќе треба да исплати 60.000 денари како надоместок за претрпени душевни болки и 52.288 денари за парични трошоци на тужителката, вкупно речиси 1.900 евра.

Според тужителката Спасеновска, текстот објавен на 2 февруари годинава под наслов „Директорка на државна институција и пензионер од Битола наводно оделе со службен автомобил во Албанија и Србија“ содржал невистини дека автомобилот на Средношколскиот дом бил користен за приватни патувања без одлуки од Управен одбор. Судот го негираше влијанието на докази од Бирото за јавна безбедност при МВР кои ја потврдиле активноста на службениот автомобил во странство, како и информациите од ОЈО Битола за истрагата која беше покрената против директорката за злоупотреби и нескладно трошење државни пари.

Блажевска, сопственик на битолскиот портал „Апла.мк“ и дописник на „Независен.мк“, изјави дека судската одлука претставува сериозен удар на слободата на печатот и новинарското истражување.

„Пораката е јасна до новинарите: ако се занимавате со истражувачко новинарство и откриете криминал, ќе бидете казнети,“ рече Блажевска.

Таа ја окарактеризираше пресудата како напад не само на неа лично, туку и на слободата на сите новинари да ја извршуваат својата професија без страв од правни последици.

Судот, според Блажевска, не го земал доволно предвид јавниот интерес и заштитата на новинарите при известувањето за прашања од јавен интерес. Тие се обврзани да посочат на законско прекршување, а судот не го сметал за важен документот од ОЈО Битола каде се наведуваат кривичните пријави против Спасеновска. „Сметам дека оваа пресуда е не само против мене како новинар, туку и против сите новинари и против здравиот разум,“ додаде таа.

Пресудата беше осудена од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое ја смета правната несигурност како сериозна закана за новинарската работа во локалните медиуми.

„Потребно е да се создаде околина каде новинарите ќе можат слободно да ги извршуваат своите професионални задачи без страв од правни последици, особено кога се занимаваат со прашања од јавен интерес,“ се наведува во соопштението на ЗНМ.

Анета Блажевска ќе се жали на одлуката на Основниот суд до Апелацискиот суд во Битола, а исто така ќе ги информира и Делегацијата на Европската унија во нашата држава, како и Амбасадата на САД и други странски амбасади, за да се заштити слободата на изразување и новинарското известување во земјата. Останува да се види дали јавниот обвинител во Битола ќе подигне обвинение против директорката Спасеновска, врз основа на истрагата за нејзиното раководење со домот и злоупотребите што се поврзани со тоа.

Слични содржини