Се зголеми бројката на производи кои што ќе бидат опфатени со новогодишната кошничка. Како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, акцијата започнува од 15 декември, а бројката на производи е зголемена за повеќе од 800. Цената на производите опфатени со акцијата треба да биде за 10 насто пониска од најниската во периодот од 15-ти ноември до 15-ти декември.
-Да, јас би сакал тука да кажам, дека на мое големо задоволство компаниите, трговците, производителите, дистрибутерите, бројката на производи ја зголемуваат и таа е повеќе од 800, веќе не е 600. Сите тие ќе бидат означени, а за тоа ќе се грижи Државниот пазарен инспекторат, којшто континуирано ќе ја следи работата на маркетите, и очекувам навистина да биде како да кажам, семејниот буџет да биде заштитен со намалувањето на цените на овие производи, кажа денеска премиерот.
Новогодишната кошница под лупа на пазарниот инспекторат. Инспекторите вршат мониторинг за да се види дали трговците се придржуваат до нивната иницијатива за акциско намалување на цените или повеќе на прехранбените производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Од опозицијата порачаа дека најавената мерка е уште една во низата манипулации на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, новогодишната, исто како и есенската кошничка, нема да донесе намалени цени на производите.