85
Потрошувачката на лекови лани во однос на 2014 година се зголемила за девет отсто, а Фондот за здравство потрошил 7 отсто повеќе пари за покривање на трошоците за лековите на рецепт.
Ова го изјави директорот на ФЗОМ Сашо Стефановски, кој рече дека потрошувачката на лекови во текот на годините постојано расте и дека лани за лекови на рецепт Фондот исплатил 2,5 милијарди денари, информира 24 Вести.
“Лани се реализирани 21,1 милион рецепти, што претставува 9 отсто пораст во бројот на реализирани рецепти и 7 отсто повеќе средства во однос на 2014 година. За споредба, ако во 2002 за лекови се одвојувале 1,2 милијарди денари за 8 милиони рецепти, а во 2008 се одвојувале 1,3 милијарди денари за 10 милиони рецепти, во 2015 година државата го зголемува буџетот за лекови на 2,5 милијарди лекови за 21 милион рецепти”, рече Стефановски.
Тој објасни дека најмногу рецепти биле реализирани за лекови за кардиоваскуларниот систем или 9,2 милиони рецепти, потоа лекови за нервниот систем со 3,25 милиони рецепти, а трети по потрошувачка се лекови за респираторниот систем со 1,03 реализирани рецепти.
“Лани лекови на рецепт на товар на Фондот подигнале 1,25 милиони осигуреници, односно 67,5 отсто од вкупно 1,85 милиони осигуреници”, рече Стефановски.
Просечната потрошувачка на лекови лани е зголемена во сите региони, освен во Југоисточниот, каде има незначително намалување. Најмногу лекови се трошат во Скопскиот Регион.
“Првите три најпотрошувани лекови по износи се генериките: аторвастатин – лек за намалување на маснотии во крв, тамсулосин – лек за простата, салметерол – лек за респираторен систем, против астма и ХОББ, а по реализирани рецепти првите три најпотрошувани генерики се: еналаприл – лек за покачен крвен притисок, дијазепам – лек за нервен систем и лисиноприл – лек за покачен крвен притисок. Во првите десет најпотрошувани лекови влегуваат и лековите за дијабет, ревма, желудник и бактериски инфекции”, рече Стефановски.
Во првиот квартал оваа година во споредба со лани, пак, потрошувачката на лекови е зголемена за три отсто, односно во првите три месеци од 2016 година реализирани се 5,3 милиони рецепти, за кои се издвоени 627,2 милиони денари, што е за пет отсто повеќе од лани./извор 24Вести
