Зголемување над 10 отсто нема да има, тврди Бектеши за поскапувањето на струјата

од Vladimir Zorba
264 прегледи

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека не очекува зголемувањето на цената на електричната енергија да надмине 10 проценти. Утре се очекува ЕСМ да донесе одлука со каква цена ќе учествува на јавниот тендер на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

–Согласно Законот за енергетика, цената на струјата од 1 јануари за првите шест месеци од 2022 година ја потврдува Регулаторната комисија за енергетика, но имајќи предвид дека цената што ќе ја понуди ЕСМ кон универзалниот снабдувач многу влијае врз финалната цена, согласно сите проекции, зголемување над 10 отсто нема да има. Со тоа се отфрлаат сите предвидувања од експерти во областа на енергетиката и од одредени политички партии дека зголемувањето ќе биде 30, 40 или 50 отсто, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на ски центарот Попова Шапка.

Според него, доколку енергетските компании работат како треба, тогаш не би требало и во иднина да има зголемување на цената на струјата.

– Ако енергетските компании работат на начин како сега, односно двата блока во РЕК Битола, во функција е и ТЕЦ Осломеј, а наредната недела чекаме да почне испораката на мазут за да се стави во функција и ТЕЦ Неготино и ако се подобри и хидролошката состојба, тогаш убеден сум дека и во иднина ќе нема зголемување на цената на електричната енергија. Зборувам за регулираниот пазар, за домаќинствата бидејќи обврска на ЕСМ е да покрива 60 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, но за да нема зголемување на цената, одлучивме ЕСМ во првите шест месеци од 2022 година да покрива 100 отсто од потребите на универзалниот снабдувач кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи, рече Бектеши.

Слични содржини