Во исчекување на новиот закон за нефер трговски практики, но и на најновата листа на производи на кои им се покачува ДДВ- то од 5 на 10% како последни во низата мерки за намалување на цените, како и на ограничување на инфлацијата, се погласни стануваат реакциите на јавноста, економистите и стопанствениците. Повикуваат не само на поголема внимателност бидејќи како што велат некои од досегашните чекори поради нивната неиздржаност веднаш се корегираат, туку и сугерираат друг, поинаков начин за справување со состојбите.
„Треба да се влијае таргетирано на оние групи социјално загрозени граѓани на кои навистина им треба помош. Доколку некој не може да купи одреден производ, треба да му се зголеми социјалната помош, но претходно да се провери дали навистина ја заслужува“, изјави за Локално, претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.
Во однос на делот на корекциите на цените посочува дека многу посоодветно би било уште на стартот адекватно да се дефинира во која група спаѓаат овие производи. Оттука, како што вели, доколку дефинирањето на даночните стапки се врши според царинската тарифа која многу често знае да биде општа и конфузна, одредени продукти лесно можат да припаднат на една или друга класификација.
Според професорот Абдилменаф Беџети, има контрадикторност меѓу мерките за ограничување на цените на конкретниот асортиман на производи со оние за зголемување на даночната стапка на ДДВ од 5 на 10%. Оттука, како вистински чекор ја оценува одлуката за корекција на листата производи за кои важи зголемувањето на ДДВ-то.
„Владата не ги ограничува цените како одговор на инфлациските трендови или пак во насока на нејзино ограничување, бидејќи тоа не се врши со административно ограничување, туку пред се заради заштита на животниот стандард на најзагрозените слоеви во општеството. Како интенција тоа е во ред, но искуството од минатото покажа дека овие мерки не се ефикасни и не ја постигнуваат очекуваната цел. Операторите на пазарот знаат како да ги заобиколат овие ограничувања“, вели Беџети за Локално.
Забелешка во однос на последиците од зголемувањето на данокот за одредени продукти упати и Ангеловски, според кој овој чекор ќе влијае врз зголемувањето на нивото на инфлација.
„Тој данок ќе се преточи во цените на производите, а тоа е автоматски инфлација. Од една страна, Народната банка регира со зголемување на есконтната стапка, а од друга страна владините институции креираат инфлација, што се два спротивни процеси во исто време“, вели Ангеловски.
Посочува дека мора да запре бранот на зголемување на плати и даноци бидејќи како што тврди, со зголемување на платите на јавната администрација, а потоа со зголемување на даноците за да се исплатат тие плати, се креира инфлацијата.
К.В.С.