Се засилува гласноста на реакциите во однос на негативните последици на некои од решенијата предвидени во измените на законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10 д.
Професорот и активист Здравко Савевски како особено спорен го посочува делот во однос на работничките права и тоа преку обидот да се продолжи работното време од досегашните 40 на дури 60 часа неделно. Оттука како што вели, очигледно е дека „на мускули“ се турка флагрантно кршење не само на работничите права, туку и на владеењето на правото.
„Целта е да се максимизира профитот на капиталистите што ќе го добијат тендерот. Работниците воопшто не се дел од бизнис-пресметката’’, вели за „Локално“, Савевски.
Според него, изигрувањето на законот не е новина во Македонија, а ова тврдење го поткрепува со забелешката дека иако прекувремената работа од над 40 часа неделно треба да биде исклучок и законски не смее да се случува секоја недела во годината, многу работници редовно работат над 40 часа неделно. Оттука, предупредува на исклучително опасниот домино ефект.
„Доста веројатно е исклучоците што им се овозможени на „Бектел-Енка“ и другите странски инвеститори и домашните капиталисти да се обидат да ги прошират во своите компании, па дури и да притискаат за законски измени што ќе го нормализираат ова газење на работниците. Затоа е ова опасен преседан кој не смее лесно да помине“, вели Савевски.
Како алтернативна и многу поправедна опција тој предлага да се ангажираат дополнително работници, кои би работеле во рамките на законско определено работно време. Имајќи предвид дека продуктивноста на трудот опаѓа со пролонгирањето на работното време, тој објаснува дека ангажирањето повеќе работници ќе ја зголеми продуктивноста и ќе ја забрза изградбата бидејќи едноставно, планираниот број работни часови ќе се подели на повеќе работници. Но на тој начин, коментира Савевски, ќе се намали профитот кој според него е главниот мотив на сето ова.
„Треба особено да се има предвид дека вработените во овој сектор се меѓу оние работници каде што има најмногу повреди на работното место, па и смртни случаи. Енормното зголемување на должината на работното време (и тоа не во времетраење од една недела, туку на повеќе недели и месеци континуирано!) ќе ги зголеми ризиците од несреќи на работното место. Така што, доста веројатно е работничката класа во крв да го плати жртвувањето во име на профитот“, вели Савевски.
Како дополнителен проблем го посочува и фактот дека со најновиот упад во работничките права и воопшто, во владеењето на правото, само се влошува ситуацијата со правото на неработна недела и уште повеќе како што вели, ја сведува на празна пропаганда. Од друга страна, според него, неспорни се и економските последици врз државниот буџет. Предупредува дека на овој начин Македонија уште повеќе ќе се задолжи, а единствени добитници ќе бидат капиталистите и нивниот екстра профит.
К.В.С.