Жан Митрев со писмо до Хелсиншки Комитет: Против мене се води организирана хајка

од Stefanija Kuzmanovska
244 прегледи

Д-р Жан Митрев испрати писмо до претставници на Хелсиншкиот Комитет во Македонија со барање да реагираат на прекршувањето на основното право да ја информира јавноста поврзано со случајот против него и Клиниката Жан Митрев. Во писмото д-р Митрев ги повикува да го следат случај и во судница и да реагираат, бидејќи ова не е само случај за наводно кривично дело, туку е случај на непочитување на човековите права.

„Изминатиот период лично јас сум на удар во јавноста, а секако и на низа пишувања посебно на порталот ДоказМ.мк за што имам веќе доставено кривична пријава. Се прекршува моето право на одговор бидејќи секој обид да контактирам со новинар завршува со осудување на истиот во јавност, а со оглед на тоа што мојата битка започна со новинарски текст единствен начин да се „одбранам” покрај судницата се разбира е и јавноста што се информира од медиумите”, пишува во писмото од д-р Митрев.

Во писмото д-р Митрев се повикува на човековите права кои се загарантирани со нашиот устав и каде правото на јавно искажан збор е загарантирано.

„Јас сум човек што имам дадено Хипократова заклетва и таа ме води во секојдневната работа, чист сум пред себе и пред моите постапки затоа што знам дека вистината е на моја страна. Но, ве молам за постапување по случаите каде се врши притисок врз мене и моите вработени за да може секој од нас да се растерети од бремето на притисок. Ние згрижуваме илјадници пациенти и ништо не смее да ѝ наштети на професијата и на здравјето на граѓаните”, потенцира д-р Митрев.

За потребата од вакво обраќање д-р Митрев во писмото се навраќа и на случајот со сопственикот на порталот ДоказМ кој добивал информации од истражителката за случајот и ги објавувал на неговиот портал.

„Бевме сведоци дека истражителка заедно со Марјан Стаменковски од ДоказМ, воделе организирана хајка против мене каде допрва ќе се види кој се бил вклучен. Организираниот напад и заканите не треба да бидат дел од нашето секојдневие. Вие како Хелсиншки комитет самите го знаете тоа. Затоа ве повикувам да реагирате и да го следите мојот случај и во судница, бидејќи ова не е само случај за наводно кривично дело, туку е случај на непочитување на човековите права”, го завршува писмото Митрев.

Слични содржини