Желјазков се поклони пред гробот на Гоце Делчев: Колку помалку граници, толку подобро за Бугарија и Македонија

од Nikola Popovski
547 прегледи

Претседателот на бугарскиот парламент Росен Желјазков и бугарскиот министер за култура Крастјо Крастев положиле венци на гробот на Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. На церемонијата присуствувал и амбасадорот на Бугарија во земјава, Ангел Ангелов, директорот на Бугарскиот културно-информативен центар и претставници на бугарската амбасада.

Во дворот на црквата „Свети Спас“ Желјазков изјавил дека Гоце Делчев е нашиот заеднички херој и таквите личности и нивното дело треба да обединуваат, а не да бидат присвојувани. Како што објави „БТА“, Жељазков додал дека споменот на ваквите херои, чијшто пат бил затворен во тој историски момент кога ги жртвувале своите животи, треба да се оддаде денеска и да биде пример што треба да се следи, кој обединува и кој ни дава можност да погледнеме кон иднината.

Желјазков е во работна посета на Македонија на покана на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со кого денеска оствари средба. Пред средбата, тој рекол дека ова е уште една средба на претседателите на двата парламента во желба да се изградат мостови кои ќе ѝ овозможат на Македонија да стане полноправна членка на ЕУ и да го спроведе договореното од Договорот за пријателство и добрососедство. Претседателот на бугарскиот парламент изјавил и дека средбата е можност да се постават прашања за правата на бугарската заедница во земјава.

Тој ја посочил растечката трговија меѓу двете земји оваа година како доказ дека колку помалку граници има во духовна и физичка смисла, толку подобро ќе биде за Бугарија, Македонија и за Балканот во целина.

Фото: Маринела Величкова, БТА

Слични содржини