Женскиот морж Фреја – вистинска сензација во Норвешка (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
304 прегледи

Фреја, млада женка морж, е летната сензација во Норвешка, пренесува АФП.

Претходно забележана во Велика Британија, Холандија, Данска и Шведска, Фреја избра да помине дел од летото во Норвешка.

Животното прво се здоби со слава во земјата поради несмасното качување на чамци за задоволство во идиличното јужно село Крагеро, пред да почне да го прави истото во водите крај главниот град Осло на 17 јули.

Присуството на цицачот, кој вообичаено ги населува посеверните географски широчини на Арктикот, ја разбуди љубопитноста на локалното население и стана цел на насловните страни.

Во Норвешка – земја вљубена во „бавната телевизија“, еден локален таблоид дури и за момент реши да го пренесе во живо на својата веб-страница и најмалото движење на несмасното суштество.

Во паузите помеѓу две „тешки“ дремки – моржот може да спие и до 20 часа на ден – Фреја е фотографирана како фаќа патка, напаѓа лебед или најчесто лежи во наносот на чамци кои се нишаат под нејзината тежина.

Откако размислувале да ја преселат Фреја некое време или дури и да ја евтанаизираат доколку таа стане опасност за населението, норвешките власти одлучиле да дозволат работите да тргнат по својот природен тек.

„Таа е добро, јаде, одмара и изгледа во добра форма“, се вели во соопштението на Дирекцијата за рибарство.

Фреја, именувана по божица поврзана со љубовта и убавината во нордиската митологија, сепак не ужива едногласна поддршка.

Еден локален биолог дури упати повик животното да се убие, што беше покриено од јавниот радиодифузен сервис „НРК“. „Фреја го чинеше норвешкото општество повеќе од повеќето други животни што се убиени затоа што предизвикуваат штета. Но, таа успеа да се прослави“, истакна тој, жалејќи се на „ефектот Бамби“.

Во меѓувреме, властите ја истакнаа потребата да се чува дистанца. Тие советуваа да не се плива или кајакари во близина на Фреја, која не е нужно толку мрзелива и несмасна како што изгледа кога се одмара.

„Моржот обично не е опасност за луѓето се додека се одржува безбедно растојание. Меѓутоа, ако е вознемирен од луѓето и не може доволно да се одмори, животното може да се почувствува загрозено и да нападне“, забележуваат тие.

Моржот е заштитен вид кој се храни главно со безрбетници – мекотели, ракчиња, ракови, мали риби. Неговата просечна тежина за возрасни достигнува околу еден тон за мажи и 700 килограми за жени.

Слични содржини