Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски по вчерашните пишувања на дел од бугарските медиуми за наводно барање за бугарско државјанство пред 17 години. Жерновски вели дека е загрижен што досега нема коментар од премиерот на оваа тема.
-Многу едноставно, директно и конкретно: ДАЛИ Е ОВА ВИСТИНА ИЛИ НЕ?
Крајно сум загрижен што, барем до овој момент, нема никаков демант ниту коментар од страна на Мицкоски или од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Останува да почекаме и, сепак, да дадеме време и простор за негова реакција. Во спротивно, ако оваа вест се потврди како вистината, тогаш е повеќе од јасно дека останува само еден потег кој Мицкоски може и мора да го направи!, објави Жерновски.
„Во 2008 година, премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, поднел барање до бугарското конзуларно претставништво во Скопјe за бугарско државјанство“, објави вчера бугарска „Лупа“. Како што стои во текстот на бугарскиот медиум, во тоа време, генерален конзул на Бугарија во Македонија бил извесен Венцислав Цветанов.