Жерновски бара одговори од Мицкоски што ќе се случи со Груевски и дали ќе го донесе во Македонија

„Имаме избори во Унгарија, така што ќе се види која е неговата улога и дали, на крајот на краиштата, ќе го доведат, затоа што се обврзани според законот Груевски да се врати дома“, вели меѓународниот секретар на СДСМ

од Nikola Popovski
113 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

„Тоа се стандардни, веќе видени одговори на Мицкоски и на ВМРО. За да доживееме од нив поддршка на новите членови на СДСМ во Централниот одбор, очигледно треба да се случи едно нешто – да ги предложиме оние коишто работат за нив, оние коишто одработуваат за нив, и тие да ни го пратат списокот на членови коишто се подобни за ВМРО, ние да ги предложиме, нели, па потоа да бидат прифатени“, вели новиот меѓународен секретар на СДСМ, Андреј Жерновски запрашан за критиките од најголемата владејачка партија кон новите кадровски промени во СДСМ и новите лица во ЦО и ИО.

Жерновски бара од премиерот Христинјан Мицкоски да си го „консултира пријателот од Унгарија, од којшто, гледаме, се добиваат јасни насоки“.

-Нека објасни како тоа добивме во Македонија, првпат во историјата, претседател на партија којшто ги елиминира потпретседателите – тоа е класичен режим внатре во партијата, не само во државата.

Нека објасни за кредитите, нека објасни што се случува со таа релација.

И на крајот на краиштата, едно многу сериозно прашање – нека каже што ќе се случи со Груевски. Имаме избори во Унгарија, така што ќе се види која е неговата улога и дали, на крајот на краиштата, ќе го доведат, затоа што се обврзани според законот Груевски да се врати дома, рече Жерновски на прес-конференција.