„Ветивте на народот враќање на името. Ветивте на народот дека ќе го поништите Преспанскиот договор. Нас нè обвинивте дека сме предавници. Но, еве веќе втора година сте на власт и никаков потег немате во тој правец. Зошто сега не го смените името? Зошто сега не го направите тој чекор? Излезете и покренете иницијатива во Собранието. Вие знаете тоа многу лесно да го направите, во еден ден – исто како што го сторивте со декретот за забрана на говор“, порача денеска членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски во обраќање до властите и најголемата владејачка партија.
Жерновски во тој случај, бара да им се „каже и на меѓународната заедница, на Европската Унија и на НАТО и народот, додека летаат ракети кон Европа, дека Македонија нема да биде во НАТО, дека нема кој да нè брани и дека ќе бидеме сами“.
„Кажете отворено дека повторно ќе бидеме БЈРМ, дека повторно ќе бидеме ФИРОМ. Ајде, de facto и de jure, меки ткива, мекотели. Нели за тоа ја баравте довербата од граѓаните. Нели тоа ви беше главното ветување пред гласачите. Имате 58 пратеника, ги имате ЗНАМ, ги имате ВЛЕН, а богами, после лидерската средба ги имате и ДУИ ги имате, и Левица. Што ве спречува да го направите овој потег? Се имате. Закажете Собрание, слободно закажете седница. На народот кажете му да купи прачки, па со тоа да ги гаѓа авионите и ракетите кои, недај Боже, би дошле во правец на Европа.
Тамам ќе добиете сигурно поддршка и од Русите и од Вучиќ, бидејќи и така и така работите во нивен интерес. Потоа, многу полесно ќе можете да криумчарите пет тони дрога – никој нема да ве спречи.
Ајде, патриоти. Ајде, комити. Зошто не го направите овој потег“, кажа членот на СДСМ на денешната прес-конференција.
„Ако Киро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името на земјата како што е наведено во документите на ЦИА, тогаш се поставува прашањето колку пари добиле Зоран Заев и неговиот студент и пријател Венко Филипче за промена на името, или поточно за завршување на таа работа. Прашањето логично произлегува по неодамнешните објавувања на документите на ЦИА.“ Ова го велат од ВМРО-ДПМНЕ, по објавувањето на информацијата дека Глигоров ја одбил милионската понуда за промена на името на Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „дополнително, постои ситуација каде што се вели дека Зоран Заев и Венко Филипче се збогатиле екстремно и необјасниво по седум години власт“.