Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на панелот за проширување на ЕУ на Бледскиот стратешки форум, вчера изјави дека Црна Гора и Албанија би можеле до 2028, односно до 2029 година да станат наредните членки на Европската Унија. Ваквите најави ги коментираше поранешниот амбасадор и актуелен член на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски поврзувајќи ги со евроинтегративниот пат на Македонија. Тој смета дека „ова е директно демонтирање на владината стратегија која трае во континуитет 15 месеци откако раководи со државата“.
Жерновски го впери прстот во премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
-Поради немање желба и капацитет да ја приближи Македонија до ЕУ, гласниот Мицкоски и безгласниот Муцунски позади завеса ја уверуват домашната јавност дека процесот на проширување на ЕУ е блокиран и дека по тој пат веќе не вреди да се оди. Сето ова сервирано во дежурната обланда дека никој не’ не сака и дека ние сме жртви на разни домашни, соседски, регионални и континентални конспирации.
И додека овој двоец ја шири таа приказна за наводниот блокиран процес, другите држави околу нас брзо напредуваат кон Брисел и се подготвуваат за членство во Унијата.
Што побрзо сфатиме дека ние сите, односно нашата држава е, всушност, жртва на ваквата владина политика, толку побрзо ќе го фатиме приклучокот. И обратно, порача екс-амбасадорот во Букурешт во својата објава.
Вчера како позитивни примери, еврокомесарката ги наведе црногорскиот и албанскиот премиер, Милојко Спајиќ и Еди Рама, и рече дека е оптимистка во врска со влезот на овие земји во ЕУ.
„Напредуваме со Црна Гора и можно е, доколку го завршиме техничкиот дел од преговорите во 2026 година, таа да стане 28-ма членка на Европската Унија во 2028 година“, рече Кос, додавајќи дека Албанија би можела да се приклучи на ЕУ во 2029 година.