Членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен градоначалник, Андреј Жерновски реагираше на прозивките на пратеникот, Антонио Милошоски. Тој преку подолга објава на социјалните мрежи го нарече екс-министерот „џуџето од Кичево“ и го праша што има оставено позади себе како капитални проекти.
„Неговите „капитални“ проекти започнуваат кај источните комшии, за што сведочи сопственикот и уредник на бугарската новинска агенција Фокус, Красимир Узунов, кој кажува како одел на гробот на Тодор Александров, заедно со Ангел Џамбаски, и за време на тој патриотски престој спиел на таванот на ВМРО на Каракачанов, познатиот противник на Македонија. Во тоа време, се изјаснувал како Бугарин од Македонија и го веел бугарското знаме.
Откако замина Георгиевски од претседателската позиција на партијата, преку ноќ стана антички Македонец. Така налагаше политиката на новиот претседател, односно на Груевски. Помина и тоа, дојде нов претседател, па затоа денеска е македонски патриот. Прв во борбените редови во критиките кон оние чие знаме го вееше претходно. Дали има и нивен пасош, ќе дознаеме набрзо. Шилото работи.
А да, денеска е најголем Македонец, се колне во нашата кауза и во посебноста на македонскиот јазик и идентитет, живеејќи во пуста надеж дека сите ќе заборавиме како великанот Блаже Конески го нарече „џуџето од Небрегово“, само за да ја негира нашата самостојност. Ете, од такви квази патриоти си патиме низ целата македонска историја. За останатите “капитални” проекти во вид на судскот процес “Моќник” и начинот на кој се спаси, во некоја друга прилика“, порача меѓу другото Жерновски во објавата.
Пред неколку дена, Милошоски жестоко го критикуваше Жерновски поради неговите неодамнешни изјави поврзани со дипломатијата и евроинтеграциите на земјава. Во својата реакција, Милошоски постави прашање до јавноста: „Дали некој може да наведе барем еден договор што Жерновски го потпишал, а кој бил од реална корист за Македонија?“ Според него, Жерновски сега држи лекции за надворешна политика, додека во минатото аплаудирал на договори што, како што вели, ѝ нанеле штета на државата.
„Ниту како градоначалник на Центар, ниту како заменик министер, Жерновски нема реализирано ниту еден капитален проект. Единствениот негов капитал беше политичкиот трансфер од ЛДП во СДСМ – за да добие функција,“ вели Милошоски.
Тој го обвини Жерновски дека некогашната партија ЛДП ја заменил за фотелја во владата на СДСМ, и дека сега нема кредибилитет да зборува за интегритет.
„Жерновски денес го нарекува ‘дебакл’ извештајот од Комисијата за надворешни работи во ЕУ Парламентот, во кој се потврдуваат македонскиот јазик и идентитет – без фусноти и загради. Тоа е дипломатски успех, за разлика од времето кога Жерновски и неговите тогашни шефови ги прифаќаа понижувачките додавки во европските документи,“ истакнува пратеникот.