Жерновски: На граѓаните им велат „нема пари, стрпете се“, а за нив си купуваат авион

„Ученикот на истотатака скромниот Груевски, кој си го купуваше „она на М“, очигледно го надмина учителот. Интересно, се претставуваат како народна партија, а ги обожуваат луксузните автомобили и авиони“, порача членот на СДСМ

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: СДСМ

„Додека фрижидерите се празни а неплатените сметки се редат една врз друга, и додека минималната плата не стигнува ни за основна храна, власта има јасен приоритет – не достоинствен живот за народот, туку комфорен лет за премиерот“, објави членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски по барањата на синдикалците и работниците за зголемување на платите и најавите од СОЗР дека Владата треба да набави нов службен авион и службено возило за специјални гости.

Жерновски тврди дека за минимална плата од 600 евра – „нема пари“, но, како што објавува, за кожните седишта и шампањот на 10.000 метри височина веднаш најдоа десетици или стотици милиони евра. Членот на СДСМ притоа упатува обвинувања кон премиерот и надлежните власти.

„Машала! Ученикот на истотатака скромниот Груевски, кој си го купуваше „она на М“, очигледно го надмина учителот. Интересно, се претставуваат како народна партија, а ги обожуваат луксузните автомобили и авиони.

И додека народот пеш оди низ тмурното секојдневие, власта многу сака да лета.

Ајде барем да беа активни на дипломатски план. Барем да имаа интензивни официјални посети, средби, иницијативи, сојузништва. Ама и таму – ништо.

Кога никој не ги кани на официјални државнички посети, кога Македонија е сѐ поизолирана, а надворешната политика сведена на соопштенија изговори, логично се поставува прашањето: за што навистина ќе служи овој авион“, стои, меѓу другото, во јавната објава на Жерновски.

Директорот на Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски пред два дена изнесе став дека е потребна набавка на нов државен авион кој ќе се користи за државни потреби.

-Имаме премал авион кој често е на поправки. Размислуваме за набавка на поголем авион кој ќе може да се користи и за медицински превоз односно ќе биде со вградена медицинска опрема, кажа Томовски, додавајќи дека треба да се размисли и за набавка на нов блиндиран „мерцедес“ кој ќе ги задоволува критериумите за превоз на високи функционери, бидејќи, како што рече, оној што го поседува Службата е стар иако го користела претходната влада, а дел од функционерите од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ за тоа судски одговарале.