Жерновски: Очајни 26 проценти реализација на капитални инвестиции, од Владата тврдеа температурите биле главен проблем

од Nikola Popovski
63 прегледи

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски ја коментираше изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска дека ладното време во јануари и февруари билa главната причина за 10 % реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал.

-Тогаш, цврсто верував дека со затоплувањето на времето, ќе имаме целосна реализација, веројатно и повеќе од 100 %. Па така, со радост го (до)чекав летото, наивно верувајќи дека жешките температури ќе ја покачат реализацијата. Кога, ете ти шок. Ни пеколните плус 40 Целзиусови степени не ги згреаја нашите срца, кои очекуваа пријатни вести. Така, целиот шокиран, немоќно си го поставив прашањето: Ако тогаш беше проблем зимата, зошто сега е проблем летото? Зарем е можно, сепак, температурите да не биле главниот проблем, прашува Жерновски во својата објава на социјалните мрежи.

Екс-амбасадорот посочува дека иако буџетот за капитални инвестиции оваа година е рекорден, со планирани 47,5 милијарди денари, реализацијата до крајот на јуни достигна очајни 26,25 проценти.

-Oваа ситуација е особено алармантна во споредба со претходните години. Во 2023 и 2024 година, реализацијата во истиот период беше значително повисока, достигнувајќи над 60 проценти. Дури и во 2021 година, кога економијата беше под силно влијание на пандемијата, реализацијата се движеше околу 40 проценти. Овој пад не е без последици. Кога капиталните проекти не се реализираат, се стопира економската активност, градежниот сектор трпи загуби, нови работни места не се создаваат, а инфраструктурните дефицити остануваат нерешени, потенцира Жерновски, додаввајќи дека задолжувањата наместо да бидат алатка за развој, стануваат камен врз грбот на економијата, зголемувајќи ја зависноста од нови заеми за покривање на основните потреби.

Според праксата низ годините, со секој ребаланс на буџетот, на удар се капитални проекти кои се предвидени да се реализираат во тековната година. Тоа значи дека ако реализацијата на капиталните инвестиции во септемви кога најчесто се случува прекројување на дрвната каса изнесува околу 60 отсто, со кратење на дел од првично предвидените проекти реализацијата многу лесно на крајот на годинава ќе достигне и до фантастични над 90 отсто.