Жерновски поднесува претставка до Судскиот совет за признанието на Митева за неговиот судски процес

-Како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка, прашува Жерновски

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски поднесува претставка до Судскиот совет поради изнесните информации од страна на портпаролката на Владата на Мицкоски, Марија Митева, во кои таа јавно соопштува исход од судска постапка која сè уште е во тек.

„Признавањето како истата поседува информации дека „жалбата против претседателката е одбиена како неоснована“ е крајно сериозно и скандалозно, бидејќи второстепена одлука (од Виш управен суд) сѐ уште не е донесена. Понатаму, преку соопштение, во нов обид да манипулира со јавноста, повторно изнесе податоци поврзани со исходот од сѐ уште незавршената судска постапка, со што направи долнителен прекршок“, вели Жерновски во својата објава на социјалните мрежи.

Тој нагласува дека уште поскандалозeн е фактот дека конкретната судска постапка воопшто и не се води против Владата, туку против Претседателот на државата.

„Прашањето е едноставно, како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка? Како истата располага со информации дека воопшто е донесена првостепена одлука, дека има жалба и дека истата е неоснована, во услови кога воопшто не е донесена второстепена одлука? Ова не се „гласини кои кружат во јавноста“. Тоа може да биде единствено информација добиена директно од самиот суд“, вели Жерновски.

Тој додаде дека на овој начин се потврдува влијанието и недозволивото мешање на извршната во судската власт, спротивно на уставните принципи на владеење на правото и поделба на власта.

„Поради сериозноста на ситуацијата, поднесувам претставка до Судскиот совет.Политичка и судска одговорност за овој скандал мора да има. И ќе има“, посочи Жерновски.