Заменик-министерот за надворешни рабти, Андреј Жерновски кој е во дводневна работна посета на САД, вчера во Вашингтон имаше средби со високи претставници на Конгресот и на Белата куќа, а денеска учествува на министерска конференција за унапредување на верските слободи.

Жерновски за МИА изјави дека Владата на РМ добива огромна поддршка од политичките фактори на САД.
– На средбите ги запознав соговорниците со најновите случувања во Република Македонија на внатрешен и на надворешно-политички план и информирав за клучните активности на Владата во изминатата година, кои резултираа со одблокирање на патот за европското и евро-атлантското интегрирање на земјата, изјави Жерновски.
Како што наведе, имал одделни средби со членовите на Групата за пријателство со Република Македонија во Конгресот на САД, конгресмените Пол Мичел и Дејв Трот, републиканци од Мичиген и Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија.
– Упатив благодарност за личната и силна поддршка на конгресмените, и повикав на натамошно засилување на сојузништвото во интерес на двете земји, на НАТО и на регионот. Исто така, побарав и натамошна активна поддршка од Конгресот во претстојниот период, во насока на брзо финализирање на процесот на зачленување на РМ во НАТО, изјави заменик-министерот за надворешни работи.
Додаде дека конгресмените ја поздравиле Спогодбата со Грција, како и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, оценувајќи ги како одлучни и храбри потези кои се значајни не само за земјата, туку и за целиот регион и претставуваат инспирација и модел за градење на добрососедските односи.
– Тие упатија силна поддршка за имплементација на Спогодбата со Грција, како предуслов за што поскоро зачленување на РМ во НАТО и ЕУ. Конгресмените ја нагласија важноста на претстојниот референдум, истакнувајќи дека очекуваат активно учество на граѓаните на Република Македонија. Притоа, навестија натамошен ангажман во правец на обезбедување силна поддршка на Конгресот на САД за приоритетите на Република Македонија, посочи Жерновски.
На средбата во Белата куќа со заменик-советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Мира Рикардел, била реафирмирана силната и недвосмислена поддршка на американската администрација на постигнатиот договор за решавање на спорот за името.
– Рикардел нагласи дека САД високо го ценат овој историски успех за кој се потребни храбро лидерство и одлучност, при што изрази очекување за позитивен исход во процесот на имплементација кај двете страни, што ќе овозможи заокружување на членството на РМ во НАТО и ЕУ, изјави Жерновски. Тој вчера имаше средби и со претставници од Атлантскиот совет во Вашингтон.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Жерновски денеска продолжува со средби во Стејт департментот каде се среќава со Мајкл Марфи, заменик на помошник-држававен секретар на САД за Европа и Евроазија, како и со претставници на кацеларијата на УСАИД во Вашингтон.
Попладне ќе учествува на министерската конференција за верски слободи која годинава првпат се одржува во САД, а на која доаѓаат претставници од 80 земји, повеќе од 40 министри за надворешни работи и невладини организации од многу области.
Обраќање на конференцијата денеска ќе имаат потпретседателот на САД Maјк Пенс и државниот секретар на Мајк Помпео.