Жерновски со официјално барање до Владата: Дали Јанушев и Божиновска поседуваат бугарски пасоши?

„Интересна коинциденција е што токму денеска се навршуваат точно 6 месеци откако беше објавена веста дека генсекот на Владата, Игор Јанушев поседува бугарски пасош. И исто толку месеци човекот молчи, не демантира. Истото важи и за министерката Божиновска, која веќе година дена се консултира со нејзиниот адвокат дали има бугарска самосвест“, порача Жерновски

од Nikola Popovski
26 прегледи

По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е „поборник на бугарските интереси во Македонија“, членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски негира дека тој или било кој член од неговото семејство поседува бугарски пасоши.

„Ајде да видиме кои се тие кои одлучиле да ќаруваат политички поени и поддршка кај граѓаните претставувајќи се како ревносни борци против влезот на бугарското малцинство во Уставот. Интересна коинциденција е што токму денеска се навршуваат точно 6 месеци откако беше објавена веста дека Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, поседува бугарски пасош. И исто толку месеци човекот молчи, не демантира. Истото важи и за министерката Божиновска, која веќе година дена се консултира со нејзиниот адвокат дали има “бугарска самосвест“. Јавноста добро знае дека за да се добие бугарско државјанство, барателот мора да каже за себеси дека се чувствува како Бугарин, да ги наведе своите бугарски корени и да се откаже, на пример, од Гоце Делчев“, порача Жерновски во својата објава.

Членот на СДСМ притоа информира дека одлучил преку Агенцијата за слободен пристап до информации, која е должна по Законот за слободен пристап до информации да одговори во рок од пет дена, да се обрати до Владата со прашањето: „Дали генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, г-дин игор јанушев, како и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини во Владата на Република Северна Македонија. г-ѓа Сања Божиновска, се носители на бугарско државјанство, односно дали поседуваат бугарски пасош?“.

„Јавноста има право да ја дознае вистината. И ќе ја дознае! P. S. Мислите го заборавив Мицкоски и неговото барање за ист ваков пасош? Никако“, стои во објавата на Жерновски.

Од неодамна од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во биографијата на Жерновски, неизоставен дел се јавните настапи на штета на македонскиот идентитет и позиции, а во полза на бугарскиот наратив за Македонија.

-За него тоа, веројатно и воопшто не било проблем, со оглед на неговото лично потекло и на фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, но тоа не му дава за право да ги руши и предава македонските позиции. Со други зборови, како Филипче така и Жерновски не се нови кадри, туку имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата кои се директни виновници за неуспесите на државата и за поразите на СДС низ годините, порачаа, меѓу другото, од партијата на Христијан Мицкоски.