Екс-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски жали поради „воздржаноста“ на Македонија на двете резолуции во ОН за војната во Украина. По директни насоки на Христијан Мицкоски, вели Жерновски, нашата држава не ја поддржува резолуцијата на ЕУ, со што (о)станува единствена земја од Западен Белкан, односно единствена земја кандидат за членство во унијата, која не го поддржува ставот на Брисел.
-Односно, за резолуцијата гласаа сите европски земји, со исклучок на Македонија, која гласа воздржано, и Унгарија на Орбан и Белорусија, кои гласаа против. Дури и Србија, позната по блиските релации со Москва, даде поддршка на наведениот текст на ЕУ. Со овој потег, треба на сите да ни биде јасно дека Македонија си ги дозатвори бриселските врати. Дозатвори, затоа што со владините политики, вратите веќе почнаа на големо да се затвораат уште во текот на претходните месеци.
За да биде целата слика за нашата држава уште погротескна, ние сме гласале воздржано и за Резолуцијата на Вашингтон, иако претходно сме се согласиле да бидеме меѓу четирите држави кои се коспонзори на предложениот текст. Има ли пилот во авионот? Има ли воопшто авион, прашува довчерашниот амбасадор на земјава во Романија.
Жерновски смета дека „останува горчливиот вкус дека веќе ни се смеат од различни страни на светот и се подбиваат со нас“.
-Некој сега ќе каже дека владата има право да го смени курсот на надворешната политика. Така е, точно. Има право. Но она што нема право е нејзиниот претседател, самостојно и преку ноќ, да донесе таква одлука која сама по себе носи крајно сериозни последици и која претставува тектонско поместување на наведениот курс.
Не е ова монархија! Ова би требало да биде демократска држава, каде за вакви исклучително битни прашања за иднината на државата и нејзините граѓани се отвора јавна дебата, која трае долго и онолку колку што е потребно.
На овој начин, целосно е игнорирана Владата, потоа Претседателот на државата, кој тврдам дека е целосно изолиран од се’ што се случува на надворешен план, и на крај, најважното- прегазен е претставничкиот дом на граѓаните, односно Парламентот, кој повторно е вратен на маргините на политичкиот систем и живот до државата. Брутално е поништена декларацијата која уште пред три години ја изглаза нашето Собрание со 100 гласа „за“ и само три гласа „против“. Во неа јасно се осудуваат воените напади од страна на Русија кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. За улогата и “значајот” на Министерството за надворешни работи (некои велат и надворешна трговија) и самиот министер во овие процеси, во наредната прилика, стои во објавата на Фејсбук на Жерновски.
Претходно дел од експертите со кои поразговара „Локално“ истакнаа дека „се поткопуваат позициите на Македонија и се остава простор истата судбина на Украина да ја доживее и Македонија од страна на пример на Бугарија која исто така како и Русија смета дека оваа територија е бугарска, дека тука живеат Бугари и дека има право да ја анектира“.
Со свој став и професорот Денко Малески. Оценува дека воздржаност при гласање на резолуцијата на Обединетите Нации за Украина, која беше поддржана од Европската Унија, треба да се преиспита од страна на политичките фактори во државата, бидејќи според него од стратешко значење за нас како државава е да бидеме на страна на ЕУ.
Малески: Од стратешко значење за нас како државава е да бидеме на страна на Европската Унија