Тренерот на Барселона, Чави уште еднаш жестоко ги нападна судиите и се нафрли на најголемиот ривал Реал Мадрид. Откако пред десетина дена го коментираше пресвртот на Реал од 0:2 на 3:2 против најслабиот тим во лигата Алмерија, сега повторно проговори за тоа што му пречи.
„Ха, видов се што беше таму. Ги потпишувам зборовите на тренерот на Алмерија Гаизка Гаритано. Ако кажам што мислам и што се случи, ќе бидам казнет, но тоа го виде целиот свет. Веќе кажав по мечот на Хетафе дека во оваа лига се случуваат работи кои не се нормални“, изјави Чави коментирајќи го тој натпревар и додаде:
„Не можеме да ги контролираме или да влијаеме, но сите ги гледаат. Се сеќавам на пеналот во Хетафе, голот на Жоао против Гранада… и не се зборува за тоа. Да не се случеше, ќе имавме шест бода повеќе. Ова не се изговори, туку факти. Со вакви судиски одлуки ќе биде многу тешко да се одбрани титулата“.
Барса денеска од 18:30 часот игра натпревар против Алавес. Чави на прес-конференцијата повторно потенцираше што му пречи. Меѓу другото, тоа е инсистирањето на телевизијата на Реал на секоја сомнителна судиска одлука, со што, сигурни во Барселона, се врши притисок врз организацијата на судиите.
„Веќе кажав дека не би сакал толку многу да ги допираат судиите, што го прават секоја недела. Јас не сум претседател на Шпанската фудбалска федерација или Ла Лига. Изненаден сум што им е дозволено тоа. комплетно ја менува конкуренцијата од недела во недела.Тоа го нагласуваат до максимум, а слеп човек можеше да види што прават.Диего Симеоне пред некој ден рече дека мислат дека сите сме глупави нели?Не сме глупави. Сите гледаат што се случува“, рече Чави.