„Жежок костен кој ги чепка старите рани“: Хашките случаи треба да ни бидат вратени?

од Nikola Popovski
601 прегледи

Лидерот на Демократски сојуз и пратеник, Павле Трајанов вчера ги повика сите негови колеги во Собранието, да создадат заеднички услови за да продолжат истражните активности за четирите Хашки предмети („Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски рабитници“), кои се случаи на воени злосторства над цивили, кои не застаруваат според меѓународното право. Ова следува откако Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ на почетокот на годината испратила писмо до македонската Влада, барајќи да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови. На претходниот премиер Димитар Ковачевски, таа му препорачала и одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовира помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи.

Од поголемите партии има молк за ваквото барање, а покрај ДС, единствено се огласија и од Левица, од каде истакнаа дека ова е една од главните заложби на партијата во предизборната програма.

Дел од експертската јавност смета дека ваквите пораки од Брисел не се неочекувани. Според професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска во регионот се кумулираат проблеми поврзани со процесот на помирување после конфликтите во кои се загрозени правата на големи групи луѓе. Во разговор за „Локално“, истакнува дека една од пречките во остварувањето на овој процес е отсуството на процесирање на направените големи прекршувања на човековите права, препознавањето на овие прекршувања и соодветно санкционирање на сторителите.

Мирјана Најчевска

Околу тоа, дали како „кец на десетка“ им дојде ваквата препорака за дел од помалите партии, во пресрет на изборите, Најчевска посочува дека секој ваков елемент легитимно може да стане дел од изборната кампања.

-Меѓутоа работата е толку сериозна што дефинитивно треба да биде многу повеќе од предизборна пресметка. Треба да биде определба која ќе се турка по смената на власта, децидна е професорката.

Лично смета дека „СДСМ и ДПМНЕ се заробеници на ДУИ и не очекува двете најголеми партии да заземат став по ова прашање“. Впрочем, вели Најчевска, и двете партии имаа шанса нешто да направат и свесно избегнаа да преземат било што во таа насока.

Поранешниот дипломат и политички аналитичар, Ристо Никовски оценува дека потегот на Советот на Европа можеше да се очекува, ама не мораше и да се случи.

-Во принцип, тој е добар. Не знаеме која е позадината на иницијативата, и каков е планот. На пример, дали очекуваат ние да ги процесираме случаите? Таквата варијанта не е добра за нас. Впрочем, тие ни беа вратени од Хаг, и логично би било таму и да се води постапката. Слично како што се случи и на Косово, со Хашим Тачи и другите, вели Никовски за „Локално“.

Ристо Никовски

Ако се бара од нас, потенцира аналитичарот, да го водиме случајот, тешко ќе оди.

-Костенот е прежежок. Со сигурност може да се тврди дека оваа гарнитура на власт ќе го игнорира, а немаат ниту време за тоа. Што ќе преземе новата власт, тешко е да се каже. Тоа директно навлегува во меѓуетничките односи, а го знаеме однесувањето на другата страна, која се’ уште чизмите ги чува на таван, додека Македонците си молчат, ни рече Никовски.

Според него, помалите партии како Левица и ДС можеби ќе одат на таква реторика, но тешко дека тоа ќе го сторат и поголемите.

-Нашата заложба мора да биде овие случаи да се вратат во Хаг. Само таму може да се дојде до вистината. Клучно е што овие злодела не застаруваат и правдата мора да ги стигне сите што и згрешиле, дециден е поранешниот амбасадор и дипломат од кариера.

Никовски стравува дека сите поголеми партии ќе бегаат од проблемот „како ѓаволот од оган“, додека за ДУИ и Албанците од сегашната опозиција, вели дека ќе направат се’ за да не се врши ревизија на настаните сврзани со 2001-та.

-Македонските партии, пак, ќе се држат по страна, што ќе биде наша нова грешка. Старо правило е да не се чепкаат старите рани, ама случувањата од 2001-та мора еднаш да добијат свој заслужен крај. Тоа е и во интерес на државата, а не само на македонскиот народ. Во целина, може позитивно да влијае и на трагедијата низ која врвиме во последниве седум години, заклучува аналитичарот.

Хашки трибунал

Законот за амнестија се применува од 8 март 2002 година. Со него се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казна затвор, лицата за кои постои сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Јавниот обвинител не може да поднесе жалба против решението со кое лицето е амнестирано.

Н.П.

Слични содржини