ЗХГ: Адвокатот на убијците на Феликс изјавил „сепак не е човек, куче е“

Прва затворска казна за убиство на куче во историјата на Македонија - ЗХГ ја поздрави одлуката на Судот

од Nikola Popovski
13 прегледи

Здружената иницијатива „Зелен хуман град“ ја поздрави првата изречена пресуда со затворска казна за убиство на куче во историјата на Македонија. Oттаму велат дека судијката Лидија Петровска при изрекувањето на пресудата изјавила: „Изрекувањето на ефективна казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и ќе превенира слични постапки во иднина. Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост особено во контекст на зголемениот број на случаи на суровост кон животните. Со изрекувањето затворска казна се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните“.

-Адвокатот на убијците, Горан Колев кој не ни знаел дека постои Законот за заштита и благосостојба на животните, во својот завршен збор изјави „Сепак не е човек, сепак е куче“. Горан, од убиство на куче до убиство на човек има само еден чекор! Тоа е непобитен факт! Ќе се жалат, ама ќе се жалиме и ние! Но денес ќе славиме и ќе се сеќаваме на милиот Феликс! Ќе се сеќаваме на секое друго животно што настрадало од човечка рака! Ниедно не е заборавено! Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај! Додека и последното живо суштество не го добие правото што му припаѓа по раѓање – да живее живот во слобода, соопштуваат од ЗХГ.

Од иницијативата посочуваат дека оваа пресуда е пресвртна точка и прв чекор за излез од таа зачмаеност, знак дека општеството ни се менува на подобро, дека моралните вредности на нешто што некогаш беше малцинска група од „гушкачи на дрвја и кучкари“ почнуваат да ни го обликуваат секојдневниот живот.

Судот го осуди Љубе Крстевски на три месеци затвор, а Бранко Билбиловски доби парична казна од сто дневни глоби, со вредност од 10 евра по глоба, во вкупен износ од 1.000 евра.

Слични содржини