Премиерот изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Неговата партија веќе го спроведе „решението“ со јавно-приватно партнерство за Дрисла. И што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот во рацете на криминалци кои според јавно достапните информации извршиле нерегулиран увоз на контејнери со отпад, велат од здружената иницијатива „Зелен хуман град“ за проблемот со депониите во Скопје.
„Се нарекувате патриоти, но нема попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија“, порачаа оттаму, потенцирајќи дека илјадници луѓе годишно умираат поради загадениот воздух, а властите продолжуваат да носат политики од кои профит имаат само блиски приватни интереси.
Тие нагласуваат дека со години нудат издржани решенија за управување со отпадот што обезбедуваат и здравствена и еколошка заштита, но институциите остануваат глуви за нивните предлози. Притоа, „Зелен хуман град“ го прашува премиерот Христијан Мицкоски „дали мисли дека скопјани се лоботомирани“.
„Не сме ние невладини што се бунат, ние сме жители на овој град и нема да дозволиме да ви плаќаме за да нѐ труете и да нѐ убивате! Со години нудиме решенија за третман на отпадот во Македонија што освен што ќе гарантира заштита на нашето здравје и нашите животи, ќе гарантира и заштита на животната средина.
Обезбедувањето на депониите, нивната санација, ремедијација, итн. е само третирање на симптомите. Ние нудиме решение со кое ќе се отстрани коренот на проблемот, решение со кое депонирањето повеќе нема да биде практика во Македонија за да има потреба да се трошат повторно и повторно и повторно наши, јавни, пари за физички да се обезбедуваат депониите, да се гасат пожари, да се лечиме од последиците, да ги закопуваме прерано најблиските.
Депонирањето е практика од минатиот век и не му е местото во општествата од денешницата. Современите општества се стремат кон нула отпад. Нула отпад како концепт значи најнапред обезбедување дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало од кои ќе се добива компост (органско ѓубриво за почва) или биогас. Во Македонија/Скопје меѓу 60 и 80% од вкупниот комунален отпад е биоотпад“, стои меѓу другото во објаснувањето од „Зелен хуман град“.
Дождот во Скопје не помогна многу во гаснењето на пожарот што трет ден гори во депонијата „Дрисла“. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов вели дека и изминатите денови на депонијата било фрлано вода, но гаснењето одело тешко.